Тренерот на Арсенал, Микел Артета пред дербито со Манчестер Сити зборуваше за неговата работа и соработката со тренерот на Граѓаните, Пеп Гвардиола. Во одложениот натпревар од 12. коло на Премиер лигата денеска во Лондон се среќаваат Арсенал и Манчестер Сити.
„Она што го направија во изминатите шест години, апсолутно го заслужуваат. Како играа, како се бореа, како ги надминаа тешкотиите. Кога работев таму, беше неверојатно искуство, на личен и на професионален план, да се биде со Гвардиола во тоа време, со целиот стручен штаб и со играчите. Како и секое друго искуство, тоа ме направи подобра личност, сигурно и како тренер. Ова искуство го користам во мојата кариера. За нас предизвик е да го достигнеме ова ниво. Треба да го искористиме овој предизвик и оваа енергија за да кажеме: „Ова е местото каде што сакаме да бидеме. Ова е нивото кон кое се движиме“.
Никогаш не сум го победил Гвардиола? За мене лично не е да се победи еден тренер, туку да се победи следниот противник. Во овој случај, тоа е Манчестер Сити“, изјави Артета, за официјалниот сајт на Арсенал.