Тренерот на Милан, Стефано Пиоли беше многу среќен и горд на пласманот на неговиот тим во полуфиналето на Лигата на шампионите по ремито со Наполи.
„Наполи ќе стане шампион на Италија на апсолутно заслужен начин, но ние сме горди што елиминиравме толку силен противник. Тоа беа два многу изедначени натпревари. Можевме да создадеме повеќе шанси во вториот дел, но сепак е добро. Ова ќе ни даде голема самодоверба, откако веќе го елиминиравме Тотенхем. Ова му дава сила на тимот, доверба во нашите квалитети, способност да се справиме со притисокот“, вели Пиоли, кој вели дека сега мора да размислуваат и на Серија А.
„Ова е многу важно искуство, но мораме да размислуваме и за шампионатот бидејќи или треба да ја освоиме Лигата на шампионите или да завршиме меѓу најдобрите четири екипи во Серија А за да играме и следната сезона во ова натпреварување“.

