Одлично полуфинале на Ролан Гарос одиграа Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкараз, а го доби Ѓоковиќ со 3:1 (6:3, 5:7, 6:1, 6:1). По два неверојатни сета надигрување, шпанскиот тенисер се повреди и од тој момент не играше со ист интензитет, па Србинот релативно лесно ги освои третиот и четвртиот сет. Ѓоковиќ ќе се бори за трофејот во Париз, со што може да се одлепи пред Надал на „вечната листа“.
Самиот старт на мечот на централниот терен „Филип Шартрие“ беше вистински спектакл. Убави потези и многу борба за секој поен. Првиот сет го одлучи единствениот брејк во четвртиот гем, кога по израмнето надигрување Ѓоковиќ успеа да поведе со 1-3. Алкараз беше близу да му врати на ривалот, но не успеа па Ѓоковиќ го доби првиот сет со 6-3.
Вториот сет беше најдолг, траеше 72 минути. Двајцата тенисери сервираа сигурно, ги бранеа своите сервиси и не дозволуваа изненадување на стартот. Сепак на крајот Алкараз славеше со 7:5 и израмни на 1:1 во сетови.
Токму кога се очекуваше продолжување на спектаклот Алкараз при една вратена топка истегна мускул во листот на десната нога. Болките му беа огромни, па за да добие медицински тајм-аут дури предаде гем на свој сервис. Од тој момент шпанскиот тенисер изгуби ритам во играта, а то азнаеше да го казни Ѓоковиќ и дојде до предност од 2:1 добивајќи го сетот со 6:1.
Во продолжението, Алкараз малку ги надмина болките и почна повеќе да се движи, но беше далеку од својот најдобар ритам, па Ѓоковиќ рутински одново со 6:1 дојде до победата со 3:1 во сетови.
Новак Ѓоковиќ има два триумфи на Ролан Гарос (2016 и 2021), а в недела ќе игра по седми пат во финалето за треттиот трофеј на Ролан Гарос.

