Новак Ѓоковиќ испиша историја. Српскиот тенисер по третпат во својата кариера го освои Ролан Гарос и дојде до неверојатната 23-та титула од Грен Слем турнирите, нешто што досега не го направил никој во историјата на светскиот тенис.
Во финалето во Париз, Србинот во три сета го совлада Норвежанецот Каспер Руд со 7/6 (1), 6/3 и 7/5 и покажа дека и на 36 години, е светски тениски рекет број еден.
По оваа победа, Новак ќе се врати и на првото место на АТП листата, откако успеа да го симне од врвот младиот Шпанец Карлос Алкараз, кого го победи во полуфиналето. Меѓу интересните факти треба да се додаде дека Ѓоковиќ денеска стана и највозрасниот тениски шампион на Ролан Гарос, на возраст од 36 години и 20 дена.
Ѓоковиќ со денешната победа дојде до 94 титули и рекорд од 1058 победи и 210 порази. Кај дамите само Австралијката Маргарет Корт има 24 Грен слемови, а Серена Вилијамс 23 како и Ѓоковиќ.

