Екипата на Македонија ЃП утре од 17:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ на комплексот на ФФМ во Скопје ја очекува првиот натпревар од првото квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига против РФС од Рига, Летонија. На денешната прес-конференција, шефот на стручниот штаб на „лавовите“, Горан Симов вели дека екипата е комплетно подготвена за европскиот предизвик.
„Добро го анализиравме нашиот противник и свесни сме за неговите квалитети. Имаат и добри, но и лоши страни кои ќе се обидеме да ги искористиме за поволен резултат. Нивната дисциплина на игра е навистина на високо ниво, а индивидуално исто така се добри. Свесни сме дека немаат пораз, мора да бидеме мудри, силни… Против нас ќе го имаме и топлото време, но факт е дека нив ќе им биде уште потешко. Во принцип нашата екипа е иста од лани, имаме двајца-тројца нови играчи, можеби и имаме помала конкуренција на одредени позиции, но јасно е дека желбата за успех е иста. Имавме време да работиме и да подобри некои сегменти од играта кај кои утврдивме недостатоци. Подготвени сме, имаме огромна желба и сакаме да победиме, но не се прашуваме само ние“, вели Симов.

