Виктор Давидовски комплетираше уште една сезона во највисокото по ранг автомобилско натпреварување на кружни патеки во Европа, продолжувајќи ја низата на резултати со кои се етаблираше во елитната дивизија на туринг трките.
На гран при викендот во Барселона тој имаше осмо место во квалификациите, па првата трка ја заврши на осмото место, додека во втората беше удрен од ривалите во борба за третото место. И покрај тоа, на крајот Давидовски го освои четвртото место во генералниот пласман, веднаш зад тројцата возачи кои се бореа за шампионската титула, која на крајот му припадна на холандскиот автомобилист, Том Коронел.
„Ја завршивме сезоната со највисок пласман досега. Горд сум на мојот тим за уште една прекрасна година. Упатувам честитки до мојот тимски колега Том Коронел за освоената титула и до сите членови на тимот кои се поттикнуваа еден со друг за да се подобрат“, напиша Давидовски на социјалните мрежи.

