Голгетерот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, попладнево учествуваше на тренингот на Граѓаните, што укажува дека се чувствува доволно добро пред утрешната пресметка со Јанг Бојс.
Норвежанецот беше заменет на полувремето на саботниот натпревар со Бурнемаут, а претходно денеска на својата прес-конференција, менаџерот на тимот, Пеп Гвардиола рече дека се уште не знае дали Халанд ќе тренира или ќе учествува на натпреварот против швајцарскиот тим, со кој Манчестер Сити може да си обезбеди учество во елиминациската фаза од Лигата на шампионите.
Повредата на Халанд беше на скочниот зглоб, но снимките од тренингот покажаа дека е добро. Сепак, можно е Гвардиола да го одмори на утрешниот натпревар. На Сити му треба само бод за да го обезбеди пласманот во следната фаза.

