Македонија одигра уште еден одличен натпревар и остана непоразена од уште еден светски фудбалски великан како што е Англија. Пред неполни два месеци на истото место во Скопје, македонската фудбалска репрезентација ремизираше со Италија, а сега и со Англија. Момците на Благоја Милевски на новиот тревник на Арената „Тодор Проески“ одиграа 1:1 против најскапата светска селекција, на крајот на овие квалификации.
Македонија го заврши циклусот квалификации на четвртото место зад Англија, Италија и Украина. На прес-конференцијата по натпреварот селекторот Благоја Милевски рече:
„Не би сакал да ги коментирам спорните моменти, тука се судиите и ние треба да ги прифатиме нивните одлуки. Имаме план и имаме цел. Не можеме да не сметаме на овие млади фудбалери кои гледаме дека покажуваат квалитет и карактер. Ни недостигаат уште 2-3 поискусни фудбалери кои ќе го комплетираат ростерот за во иднина. Не би се откажувал од било кој играч и овие момци кои ги имаме, 60-70% од нив, не играат во своите клубови, но се ставаат во интерес на националниот тим. А кога не си во натпреварувачка форма не е лесно да се игра против вакви репрезентации како што се Англија и Италија. Овој податок првпат го кажувам, но мене ми е најбитно кога ќе дојдат тука – да бидат вака добри. Можеби јас премногу ги фалам, но Елмас, Барди или посебно Алиоски не играат многу во клубовите, а даваат 300% во дресот на Македонија. И кога не се на нивото, овие момци не треба да се критикуваат. Не можеш ментално да сте на ниво кога не играте во континуитет“ рече селекторот Милевски.

