По вчерашното завршување на квалификациите веќе се познати скоро сите учесници на Европското првенство во Германија следната година. Хрватска последна го потврди својот настап на континенталниот собир, откако претходно тоа го направија и домаќинот Германија, заедно со Србија, Албанија, Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Англија, Франција, Унгарија, Италија, Холандија, Португалија, Романија, Шкотска, Словачка, Словенија, Шпанија, Швајцарија и Турција.
УЕФА ги потврди и 12-те селекции кои во мартовскиот плеј-оф ќе се борат за преостанатите три слободни места за Европското првенство. Во плеј-офот ќе играат 12 репрезентации, кои правото го заслужија со пласманот во Лигата на нации 2022/23. Тоа се Босна и Херцеговина, Естонија, Финска, Грузија, Грција, Исланд, Израел, Казахстан, Луксембург, Полска, Украина и Велс.
Познати се двете полуфинални плеј-оф двојки од Лигата на нации во сегментот Ц: Грузија – Луксембург и Грција – Казахстан, а една од тие четири селекции ќе оди на ЕП 2024.
Во Лигата на нациите „А“ позната е полуфиналната двојка Полска – Естонија, како и дека Велс ќе биде домаќин во полуфиналето. Во Лигата на нациите „Б“, познато е дека домаќини на полуфиналето ќе бидат Израел и Босна и Херцеговина. По ждрепката, Финска, Украина и Исланд ќе дознаат кој ќе игра во плеј-офот од Лигата на нации „А“ против Велс, а кој ќе игра во плеј-офот од Лигата „Б“ против Израел, односно Босна и Херцеговина.
Плеј-оф натпреварите ќе се играат во периодот од 21 до 26 март следната година.

