Агентот на Душан Влаховиќ, Дарко Ристиќ го посети Торино за да преговара со Јувентус за платата на напаѓачот во неговиот нов долгогодишен договор.
23-годишниот српски напаѓач одлично ја започна сезоната, постигнувајќи четири гола на првите четири натпревари, но потоа остана без гол во шест натпревари и неговата самодоверба повторно почна да опаѓа. Се очекуваше Влаховиќ да биде водечки стрелец во ерата на Јувентус по Кристијано Роналдо, оправдувајќи ја инвестицијата од 80 милиони евра, но неговите 28 гола во 76 натпревари за клубот се покажаа разочарувачки.
„Газета дело Спорт“ објави дека платата на Србинот од јули па наваму ќе порасне на 12 милиони евра по сезона, што ќе важи за последните две години од неговиот договор со Јувентус, кој е до 2026 година. Сепак, клубот не може да си дозволи толку висока сума, па бара да му понуди нов долгорочен договор. Идејата е да се намали неговата плата на околу 8-9 милиони евра по сезона и да се продолжи договорот до 2027 или 2028 година.
Влаховиќ е среќен во Јувентус и сака да остане, но се зависи од тоа дали ќе се согласи на помала плата. Во спротивно, поубедлива понуда на лето би можела да го натера да си замине од Торино.

