Азискиот куп треба да се пресели во јуни и да се игра во истите датуми како и Европското првенство, изјави дефанзивецот на Арсенал и Јапонија, Такехиро Томијасу пред почетокот на континенталниот шампионат во Катар, закажан за 12 јануари до 10 февруари.
Последните три изданија на турнирот се одиграа во јануари и февруари, отворајќи можности за домаќинство за земјите од Блискиот Исток, каде што во лето често температурата надминува 50 степени Целзиусови, температури кои се сметаат за опасни по здравјето на фудбалерите.
Арсенал би можел да остане без Томијасу шест натпревари, вклучувајќи четири натпревари во Премиер лигата, доколку Јапонија стигне до финалето во Катар.
„Сакам Азискиот куп да се игра во јуни, како европскиот“, изјави Томијасу во интервју за весникот „Ивнинг стандард“. „Не знам зошто играме во јануари – не само за Азискиот куп, туку и за Африканскиот куп на нации. Не е добро за играчите. Но, тоа е она што е, навистина ќе се обидам да се вратам со титулата“ изјави Томијасу.
Јапонија, која брка рекордна петта титула во Азискиот куп, на отварањето на 14 јануари игра против Виетнам пред да се соочи со Ирак и Индонезија во групата Д.

