Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски следната седмица ќе го соопшти списокот со повикани фудбалери за контролните натпревари против Молдавија (22.03) и Црна Гора (25.03) во турска Анталија.
Во изјава за сајтот на ФФМ, предводникот на нашиот најдобар национален тим откри дека во репрезентативниот дрес во иднина нема да го гледаме Аријан Адеми, кој најавил повлекување од националниот тим.
„Имав разговор со Аријан. Ќе ни недостасува и како личност и како фудбалер. Категоричен е во одлуката. Чувствува дека ова е моментот за крај на настапите во репрезентацијата и нема да сметаме на него. Треба сите да искажеме благодарност за неговиот придонес за македонската репрезентација и за нашиот фудбал воопшто. Предложивме да организираме натпревар за простување, негова е одлуката за тоа дали тоа би се случувало на натпреварот против Хрватска на 3 јуни или на првиот домашен натпревар во Скопје“, вели Милевски.
За селекциите на Молдавија и Црна Гора, селекторот вели:
„Не случајно ги избравме Молдавија и Црна Гора, мислам дека се работи за сериозни противници, неспорно дека се квалитетни затоа што имаа одлични квалификации. Ќе ни послужат за да знаеме во кој правец се движиме и да видиме во каква форма сме. Списокот ќе биде поширок во однос на квалификациите, ќе има 27 или 28 фудбалери. Поради повреда ќе го немаме Исник Алими“.
