Комесарот за натпревари во Кошаркарската федерација, Александар Милојевиќ, донесе одлука да се доигра вчерашниот меч меѓу Чаир и МЗТ кој беше прекинат на полувремето откако гостите од Аеродром се пожалиле дека биле нападнати од неофицијални лица.
Чаирчани имаат рок денеска до 20.00 часот да достават термин за доигрување на прекинатиот натпревар согласно актите на КФСМ. Натпреварот од 20 коло ќе продолжи во празна сала со резултат и време од моментот на прекинот.
Поради влегување на неофицијални лица во подтрибинскиот простор, Чаир добива парична казна од 40.000 денари а техничкиот раководител на екипата, Алајдин Мустафа, доби парична казна во висина од 20.000 денари и забрана за извршување на должноста до крајот на сезоната. КК МЗТ Скопје доби парична казна од 30.000 денари поради предизвикување на прекин кој траел подолго од петнаесет минути.