Фудбалската репрезентација на Македонија утре ја очекува пресметка со Молдавија во пријателски натпревар кој се игра во тренинг центрите во Анталија. Празниот период без официјални средби нашиот национален тим ќе ги искористи за воигрување пред стартот на Лигата на нациите во септември.
Во пресрет на дуелот кој се игра утре, на прес-конференцијата зборуваше селекторот Благоја Милевски.
„Секако дека можам да изразам задоволство од виденото кај момците за овие три дена, што се однесува до работната атмосфера. За жал Исник Алими, Ердон Даци и Стефан Ашковски нема да бидат дел од тимот на овие два натпревари. Останатите се подготвени да се стават во функција на тимот. За жал имаме играчи кои воопшто немаат минутажа, но навиканите сме на тоа. Најважно ми е да се здрави и физички подготвени, останатото што го покажуваат на собирот, момците без разлика на натпреварувачката форма секогаш го даваат максимумот за Македонија. И овојпат не е ништо различно, сите се подготвени да одговорат на тоа што се бара од нив. Ќе ги искористиме максимално овие дуели и тие во јуни за да пробаме нови тактички варијанти. Ќе ги пробаме некои играчи на нови позиции и ќе видиме како тоа ќе изгледа. Ќе ги искористиме натпреварите со Молдавија и Црна Гора да ги испробаме силите. Ќе дадеме минутажа на сите играчи, а ќе тестираме и нови варијанти.“, изјави селекторот Милевски.
Натпреварот меѓу Македонија и Молдавија ќе се игра на стадионот „Мардан“ во Анталија, утре (петок) од 15:30 часот. Три дена подоцна Македонија ќе игра и со Црна Гора.