Македонската фудбалска репрезентација мартовскиот и јунскиот репрезентативен термин го користи за одигрување на четири пријателски натпревари. Првиот кој ќе го одигра е оној утрешниот со Молдавија.
На прес-конференцијата која ФФМ ја одржа во Анталија, зборуваше капитенот Енис Барди, кој рече:
„Мислам дека сите доаѓаме со коректна минутажа на овој собир. Гледам дека повеќето фудбалери играат доста и се редовни во своите клубови. Мислам дека натпреварувачката форма е на наша страна. Само да сме сконцентрирани, да покажаме желба и да се подготвиме за тоа што не чека од септември. Овие два натпревари ни се тест, да видиме до каде сме, за да ги поправиме грешките од некои претходни средби. Можам да кажам дека сме подготвени за секоја улога што ќе ни ја даде селекторот. Свесни сме дека по долго време се собравме пак, гледам дека соиграчите едвај чекаа да се сме заедно. Можеме да дадеме се од себе. На ниту еден натпревар не ни е потребна екстра мотивација. Со самиот повик за репрезентацијата мора да сме мотивирани, да бидеме подобри и да даваме што е можно подобри перформанси. Овој натпревар е со ривал кој за малку не се пласира на ЕП, може многу да ни помогне за Лигата на нациите. Анализиравме и се подготвивме за Молдавците. Повеќе нема „пријателски“ натпревари, даваме максимум на секој дуел што го играме за Македонија.Од овој натпревар впрочем за нас почнува новото натпреварување“, изјави Барди.
Првиот натпревар на во Анталија, Македонија ќе го одигра против Молдавија в петок во 15:30 часот, а три дена подоцна на распоредот е дуелот со Црна Гора.

