Македонската фудбалска репрезентација попладнево од 18 часот на Мардан Спорт Комплекс во Анталија ќе го одигра и вториот пријателски меч во мартовскиот ФИФА термин. По ремито со Молдавија (1:1) во петокот, избраниците на Благоја Милевски денеска ќе имаат и посериозен тест против селекцијата на Црна Гора, која на првиот меч во Анталија ја совлада Белорусија со 2:0.
„Се среќаваме со квалитетен противник, кој има квалитетни играчи кои играат во силни лиги. Ние мораме да ја поправиме реализацијата. Не можам да не бидам задоволен од тоа што го прикажавме со Молдавија, но има работи кои мора да ги поправиме ако сакаме позитивен резултат против Црна Гора. Ќе има промени во составот за утрешниот меч со оглед на тоа дека тука сме да го провериме потенцијалот на некои играчи на различни позиции“, најави на прес-конференцијата Милевски.
И Црногорците ќе менуваат за разлика о дмечот со Белорусија. Нивниот селектор Роберт Просинечки најави дека против Македонија ќе почне со комплетно нов стартен тим, освен Јоветиќ кој ќе биде предводник на тимот.

