Главниот судија на мечот Арсенал – Баерн Минхен – Глен Ниберг од Шведска, се обиде на прилично наивен начин да ја објасни својата одлука за недосудениот пенал во корист на гостите.
Ова го откри тренерот на Баерн, Томас Тухел по крајот на натпреварот во Лондон кој заврши со резултат 2:2.
Во завршните минути од натпреварот, Давид Раја и Габриел направија вистинска глупост во својот шеснаесетник, која за чудо не доведе до пенал за гостинската екипа. Голманот ја уфрли топката по свирежот на судијата, додавајќи му ја топката на својот соиграч во неговиот шеснаесетник. Сепак, дефанзивецот ја фати топката со рака и повторно ја намести на линијата за да го започне нападот.
На теренот, Ниберг им објасни на играчите на Баерн дека тоа е „детска грешка“ и не гледа смисла да досуди удар од белата точка.
„Судијата направи огромна грешка. Сфаќам, тоа е глупава ситуација. Но, тој сигнализираше и продолжи со игра, а дефанзивецот ја зеде топката во свои раце. Но, она што најмногу не налути не беше ова, туку неговото објаснување на теренот. Тој им порача на нашите играчи дека тоа е „детска грешка“ и дека никогаш нема да досуди пенал за такво нешто во четврт-финале од Лигата на шампионите. Тоа е страшно објаснување. Затоа што испаѓа дека играта со рака ја дели на детска грешка, грешка на возрасен и слично“, изјави Тухел по мечот.

