Македонската одбојкарска репрезентација в петок почнува со настапите во новото издание на Европската Златна Лига. Капитенот Никола Ѓоргиев како и секогаш оптимистички расположен, во разговор за Спортското радио 90.3 фм ги издвои своите очекувања од настапите во ова натпреварување.
„Одигравме две средби со Романија. Првата беше одлична, но на втората поради некои повреди не успеавме да настапиме комплетни и загубивме. Од денеска почнува да се прави последната глазура на формата пред првите мечеви во Златната лига. Искрено се надевам дека ќе почнеме со добри резултати. Златната лига отсекогаш била предизвик. За мене лично и за сите момци. Преку ова натпреварување може да се стекне драгоцено искуство, кое во оние тешки моменти во квалификациите може многу да ни помогне. Ова е нова генерација, нов почеток, почнуваме практично од нула. Ќе има тешки моменти, но се надевам дека ќе успееме да се избориме и токму преку оваа Златна лига ќе пробаме да ги минеме тие детски болести. Амбициите се да не бидеме последни и да не испаднеме од ова натпреварување. Си поставивме некоја цел да избориме три победи, но и со две победи мислам дека ќе биде добро. Наша главна цел секако се квалификациите за ЕП во август“, смета капитенот на нашата репрезентација.
Првиот меч од Златната лига го играме во петок во струмичката сала „Парк“ против селекцијата на Естонија со почеток од 20.15 часот. Комплетниот разговор со Никола Ѓоргиев може да го проследите на следниот ЛИНК.