Оптимисти, но и внимателни. Вака фудбалерите на Тиквеш и Воска Спорт ќе влезат во вечерашното финале на Купот на Македонија во Скопје. Двата тима кои историски за првпат ќе бидат во ситуација да се борат за некој трофеј, вечерва ќе се обидат своите желби да ги претворат во реалност.
„Кога сме веќе во финалето, секако дека сме тука и да го освоиме. Нема да бидеме скромни, сакаме да го освоиме пехарот“, истакна тренерот на Тиквеш Ѓорѓи Мојсов на заедничка прес-конференција пред денешниот дуел.
Шефот на стручниот штаб на Воска Спорт, Срѓан Захариевски искажа пофални зборови за противникот, но изрази надеж дека неговите фудбалери можат да победат.
„Тиквеш има голема традиција, иако после толку години првпат кавадарчани стигнуваат до финале. Сепак и ние сме во добра форма, долго време сме без пораз и дојдовме во Скопје да се надигруваме и да го освоиме Купот на Македонија“, рече Захариевски.
Натпреварот ќе се одигра вечерва од 19 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, а ќе го суди искусниот арбитар Александар Ставрев.

