Реал (М) по 15. пат во историјата е европски шампион. Во големото финале на Лигата на шампионите вечерва во Лондон, „кралевите“ со 2:0 ја совладаа Борусија (Д) и дојдоа до шестиот европски трофеј во последната деценија.
Во финалето на Вембли, „кралскиот клуб“ одигра лошо прво полувреме, но Борусија (Д) не искористи ниту една од неколкуте 100% шанси за гол. Тоа им се врати како бумеранг во вториот дел, кога Реал во свој препознатлив стил успеа да дојде до два гола и да донесе голема радост за своите фанови.
Дани Карвахал во своето шесто учество во финале на Лигата на шампионите погоди со глава и донесе водство од 1:0 за голема радост на шпанските фанови во 70. минута, додека Винисиус во 84. минута ги постави конечните 2:0.

