Нашите најдобри фудбалери со пораз ја започнаа мини турнејата со пријателски мечеви. Тие денеска загубија на гостувањето кај Хрватска со 3-0.
На стадионот во Ријека, „коцкестите“ беа подобар противник во поголемиот дел од мечот и сосема заслужено забележаа сигурна победа. Резултатот го отвори Мајер во 10-та минута со одличен гол од слободен удар. Истиот играч погоди и во финишот на првиот дел по лошата реакција на нашата одбрана. Пред паузата, Трајковски испрати „бомба“ од слободен удар кон голот на домаќините но, голманот, Ливаковиќ успеа да ја скроти топката. Конечните 3-0 ги постави Пашалиќ во 79 минута откако по одбраната на Димитриевски натрча на одбиената топка и со силен и прецизен шут ја испрати под самата пречка.
Македонија на 10 јуни ја очекува уште еден контролен меч и тоа во Храдец Кралове против домаќинот Чешка.