Еден од најискусните играчи на Словачка, Петер Пекарик, призна дека тој и неговите соиграчи ќе треба да бидат совршени ако сакаат да ја победат Англија и да се пласираат во четвртфиналето на Евро 2024 година.
Двете селекции ќе се спротивстават денес во Гелзенкирхен, а успехот над финалистите на претходното Европско првенство, исто така, би значел и прв пласман на Словаците во четврт-финалето на големиот фудбалски форум како независна земја.
„Денес одиме против големиот фаворит на целото европско првенство. Против Англија сите играчи ќе мора да бидат перфектни. Мораме да одиграме максимум од нашите можности, а можеби и повеќе. Но, не се плашиме и со нетрпение го очекуваме натпреварот“, изјави 37-годишниот Пекарик, кој за Словачка има 129 натпревари.
„Нашата најголема предност доаѓа од нашата работа како тим. Имаме многу висок тимски дух и сме многу обединети. Сите ние во националниот тим сме едно големо фудбалско семејство. Ова не важи само на теренот, туку и надвор од него“, додаде десниот бек на Словачка.