Ли Карсли е новиот привремен селектор на Англија, официјално соопшти Фудбалската асоцијација.
50-годишниот стручњак, кој досега беше на чело на тимот до 21 година на „трите лава“, ќе го води тимот најмалку на средбите со Република Ирска и Финска во септември од Лигата на нации. Сепак, можно е Карсли да остане на преостанатите натпревари од ова натпреварување кои се на програмата оваа есен.
„За мене е чест привремено да ја водам селекцијата на Англија. Бидејќи добро ги познавам играчите, има смисла да го водам тимот додека ФА го продолжува процесот на назначување нов постојан селектор. Мојот главен приоритет е да се обезбеди континуитет. Нашата цел е да обезбедиме промоција во Лигата на нации“, изјави Карсли.
Еди Хау, Греам Потер, Маурисио Покетино и Киеран Мекена се водечките кандидати за трајно решение на функцијата, според „Скај Спортс“.

