34-годишниот голман Војчех Шчесни, кој стана слободен играч на 14 август по заминувањето од Јувентус, објави дека ја завршува својата кариера.
„Во јуни 2006 година, ја напуштив Варшава, мојот роден град, за да му се приклучам на Арсенал со еден сон – да заработам за живот од фудбалот. Не знаев дека ова ќе биде почеток на едно доживотно патување. Не знаев дека ќе играм за најголемите клубови во светот и ќе ја претставувам мојата земја на 84 натпревари. Не знаев дека не само што ќе заработам за живот играјќи, туку дека играњето ќе стане целиот мој живот.
Не само што го реализирав мојот сон, туку дојдов на места каде што мојата фантазија не би се осмелила ни да ме однесе.
Ја играв играта на највисоко ниво со најдобрите играчи во историјата без да се чувствувам инфериорен. Стекнав доживотни пријатели, создадов незаборавни спомени и запознав луѓе кои имаа неверојатно влијание врз мојот живот. Се што имам и се што сум, должам на прекрасната фудбалска игра…
Но, на играта и дадов се што имав. На играта и давав 18 години од животот, секој ден, без никакво оправдување. Денес, додека моето тело е сè уште подготвено за предизвици, моето срце повеќе не е на вистинското место. Чувствувам дека сега е време да му посветам целосно внимание на моето семејство. Затоа решив да го напуштам професионалниот фудбал.
Крајот на патувањето е време за размислување и благодарност. Има многу луѓе на кои треба да им се заблагодарам на ова место, но ќе се обидам да го направам тоа лично со секој од нив. Но, на вас, навивачите, морам да ви кажам посебно благодарам што бевте со мене на ова патување. За поддршка и критика, за љубов и омраза. Без вас, ништо од ова не би имало никаква смисла! Ви благодарам!
Секоја приказна има крај, но во животот секој крај е нов почеток. Што ќе ми донесе овој нов пат, ќе покаже времето. Но, ако последните 18 години ме научија нешто, тоа е дека ништо не е невозможно, и верувајте ми, ќе сонувам многу!“ – напиша Шчесни на своите социјални мрежи.

