Килијан Мбапе можеби повеќе не е играч на Пари Сен Жермен, но тоа не значи дека нема да има контакт со својот поранешен тим.
Причината е што за една недела, на 11 септември (среда), претставниците на францускиот шампион и Мбапе ќе се сретнат во правната комисија на Француската фудбалска лига за да ја решат ситуацијата со долгот на клубот кон играчот во висина до 55 милиони евра, пренесува авторитетното издание „Л’Екип“.
Претходно во медиумите се појави информација дека парижаните не му ги исплатиле платите на Мбапе и разните бонуси од април 2024 година, а 25-годишниот фудбалер испратил официјален допис до управата на ПСЖ со барање за исплата на доспеаните суми.
Килијан Мбапе играше за тимот од Паркот на принцовите од 2017 година до почетокот на летото кога му истече договорот и тој потпиша како слободен играч со шпанскиот шампион Реал Мадрид.

