Едис Нури, кој е дел од раководните гарнитури и воедно настапува за првиот тим на кошаркарскиот состав ТФТ, денеска на програмата на Спортско радио 90,3 ФМ, проговори за претстојниот Меморијален турнир во чест на прерано починатиот фан на клубот, Андреј Грковски – Тафта.
„Наша цел е турнирот да стане традиционален. Годинава гости ќе ни бидат Кожув, МЗТ Скопје и Работнички. Ждрепката сакаше ние да отвориме со Кожув а во финалето пред финале да се сретнат големите градски ривали. Мечевите ќе бидат одиграни во СРЦ Кале на шести и седми септемвери, очекуваме убав амбиент и многу гледачи на трибините“ – вели Нури.
„ТФТ во новата сезона влегува со балансиран ростер, имаме спој на младост и искуство. За жал, по сплет на околности нема да имаме меѓународни активности и сите сили ќе ги насочиме кон домашните предизвици. Сакаме да стигнеме најмалку до разигрувањето за титулата и ако ни се укаже шанса да го освоиме пехарот во Купот“ – потенцираше Нури во интервјуто за Спортско радио 90,3 ФМ.