Од денес до 8 септември во Скопје се одржува меѓународниот пинг понг натпревар „World Table Tennis (WTT) Youth Star Contender Skopje 2024“. Натпреварите на овој турнир кој е од меѓународен карактер се играат во спортскиот центар Јане Сандански во Скопје.
За самата организација и квалитетот на натпреварувачите во програмата на Спортско радио 90,3 разговаравме со Сотир Габелоски, кој е дел од организацијата на овој турнир.
„По одржувањето на ЕП во Скопје за млади категории, добивме можност да бидеме организатори на овој турнир кој ги собира најдобрите светски пинг понг играчи во две категории, до 15 и до 19 години. Првите два дена се наменети за натпреваите во машка конкуренција, потоа ќе се играат двојќи, за на крај да завршиме со девојќите. Задоволни сме што многу од најдобрите играчи дојдоа да учествуваат на овој меѓународен младински турнир, посебно би истакнал дека врвот на светскиот пинг понг во категоријата до 19 години е овде во Скопје. Македонија ќе биде застапена со 5 натпреварувачи кои со овој настап ќе добијат големо искуство за во иднина“ рече Габелоски.
Натпреварите кои се играат во СЦ „Јане Сандански“ започнуваат во 9:30 часот секој ден и траат до вечерните часови, односно 19 часот. Ова е еден вид покана за сите љубители на овој спорт да дојдат и да ги видат најдобрите светски играчи во младинска конкуренција.

