Англискиот шампион Манчестер Сити веќе започна разговори со својот голгетер Ерлинг Халанд за нов договор и изгледа дека двете страни не се далеку од постигнување договор.
Агентот на Норвежанецот Рафаела Пимента и раководството на „Граѓаните“ веќе одржаа неколку состаноци, а се укажува на тоа дека напаѓачот може да го обнови и подобри актуелниот договор.
Доколку договорот биде финализиран, Халанд ќе стане најплатениот играч на Манчестер Сити. Во моментов тоа е Кевин Де Бруин. Според информациите на Островот, под новите услови Норвежанецот ќе добива 24 милиони евра нето по сезона. Актуелниот договор на Халанд со англискиот шампион е до 2027 година. Халанд пристигна во Манчестер Сити летото 2022 година за 60 милиони евра.
Во новиот договор се очекува да биде запишана ослободителна клаузула за да може Ерлинг Халанд да ја има својата иднина во свои раце.