Новиот шампион на УС Опен, Италијанецот Јаник Синер, ја започна 14-та недела од своето владеење на АТП листата. Нановиот ранкинг објавен денеска младиот италијански тенисер по триумфот во Њујорк ја зголеми предноста и има големи шанси да ја заврши сезоната како најдобар тенисер во светот.
На најновата АТП листа Синер има 11.180 бодови, дури 4.105 повеќе од новиот второпласиран во светот, Германецот Александар Зверев. Тенисерот од Хамбург до најдобрата позиција во кариерата стигна со 7.075 поени, претекнувајќи ги Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкарас.
Ѓоковиќ од втората падна на четвртата позиција бидејќи не успеа да го одбрани трофејот освоен минатата година. Третопласираниот Карлос Алкарас има 6.690 бодови, додека Новак сега има 5.560.
Данил Медведев и Андреј Рубљов ги задржаа петтото и шестото место, додека финалистот на Флешинг Медоус, Американецот Тејлор Фриц забележа напредок од дури пет места. Листата на првите десет ја комплетираат Хуберт Хуркач, Каспер Руд и Григор Димитров.