Аматерската фудбалска репрезентација на Македонија од петок стартува со настапи на УЕФА Купот на регионите. Селекторот на аматерите, Жанко Савов, денеска во гостувањето на Спортското радио 90.3 фм зборуваше за очекувањата од настапот во групата во Стара Пазова, Србија.
„Се подготвуваме неколку дена. Малку имавме проблем да составиме поширок тим, затоа што во нашата втора лига веќе има и професионални играчи и играчи кои имаат настапувано во Првата лига, што е спротивно од правилата на УЕФА за аматерски фудбал. Имам ростер од 18 играчи од повеќе второлигашки екипи и се надеваме на добро претставување во Србија. За противници ги имаме домашната репрезентација на Србија со која играме веќе в петок, а потоа и селекциите на Словачка и Велс“, вели Савов.
Тој додава дека ова натпреварување е добредојдено за сите што не се професионално активни фудбалери да почувствуваат меѓународно искуство.
„Голем дел од овие играчи некогаш и ќе станат професионалци, но има и такви кои ќе останат аматери. За нив е добро да видат како е да се настапува на вакви меѓународни турнири. Ова ќе биде уште едно големо искуство за сите нас. Се надевам на добар настап“, заврши Савов.
Комплетниот разговор може да го проследите и на следниот ЛИНК.

