Ерлинг Халанд продолжува да испишува историја со Манчестер Сити, откако го израмни рекордот на Кристијано Роналдо за најмалку натпревари потребни за да постигне 100 гола за еден клуб. Норвешкиот голгетер го постигна својот 100-ти гол во ремито 2:2 против Арсенал, достигнувајќи го импресивниот резултат на само 105 натпревари.
Откако стигна до 99 гола на 103 натпревари, Халанд имаше можност да го собори рекордот на Роналдо само во неговиот 104-ти натпревар. Но, Норвежанецот не успеа да го пронајде патот до мрежата во ремито 0:0 со Интер изминатата недела. Но, во неговиот следен натпревар против Арсенал на „Етихад“, Халанд го отвори резултатот и стигна до посакуваниот гол, израмнувајќи го рекордот на португалската ѕвезда од времето во Реал Мадрид.
Голот против Арсенал му донесе ново индивидуално достигнување на Халанд. Нему му беа потребни 10 голови во Премиер лигата на само пет натпревари оваа сезона – подвиг што ниту еден играч во историјата на англискиот шампионат не го постигнал толку брзо. За споредба, во својата дебитантска сезона во Англија, Халанд, исто така, започна летечки со 10 гола, но во шест натпревари, израмнувајќи го тогашниот рекорд на Мики Квин од сезоната 1992/93.
Ерлинг Халанд со секое појавување докажува дека не е само иднината, туку и сегашноста на светскиот фудбал, а рекордите продолжуваат да паѓаат пред неговиот импресивен талент.

