Ракометарите на Еурофарм Пелистер за краток период ќе одиграат два значајни меча. Првиот е утре на теренот на Динамо Букурешт во новото коло во Лигата на шампионите а вториот во текот на викендот против Вардар во домашното првенство.
Тренерот на битолскиот состав, Бранислав Ангеловски, вели дека на теренот на Романците нема да се прават калкулации и да се штедат сили за македонското дерби. Според него, домаќините имаат одлична организација и финансиска конструкција.
„Повторно играме во Лигата на шампионите и тоа кај клуб кој има буџет од 8-9 милиони евра. Имаат играчи кои биле во Барселона и не е случајност што забележаа победи во првите два меча. Одиме со позитивна енергија, ќе дадеме максимум и нема да се штедиме“ – изјави Ангеловски.

