Реал Мадрид внимателно го следи развојот на дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Диого Далот. Португалецот е посочен како потенцијална трансфер цел за засилување на одбраната на Реал Мадрид следното лето.
Реал има прилично добро покриен тим во моментов, но десниот бек е една од клучните позиции. Згора на тоа, Дани Карвахал е веќе доста стар и клубот мора да размислува за неговиот наследник.
Всушност, прв избор на Реал за оваа позиција е дефанзивецот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд. Неговото привлекување, сепак, може да испадне доста тешка задача, па од „Сантијаго Бернабеу“ размислуваат за други опции и една од нив е Далот.
25-годишниот Португалец штотуку влегува во своите најдобри години и Реал верува дека тој ќе продолжи да се развива. Покрај тоа, дефанзивецот стекна големо искуство и во Премиер лигата и во Серија А каде настапуваше за Милан, а исто така е репрезентативец на својата земја со 24 натпревари и 3 гола за Португалија.

