Талентот Марк Бернал ќе го продолжи договорот со Барселона до 2029 година, соопштија од клубот. Новиот договор вклучува ослободителна клаузула вредна 500 милиони евра. Договорот ќе биде активиран во мај 2025 година, кога играчот ќе го прослави својот 18-ти роденден.
„ФК Барселона и Марк Бернал постигнаа договор за промена на договорот на играчот, врзувајќи го со клубот до 30 јуни 2026 година, кога истекува неговиот статус како играч до 19 години, со опција за дополнителни три години. Откупната клаузула е вредна 500 милиони евра“, се вели во официјалното соопштение на Барселона.
Ова е многу позитивна вест за Бернал, кој се опоравува од тешката повреда – скинати предни вкрстени лигаменти и надворешен менискус. Тој беше опериран на 9 септември што ќе го остави надвор од терените во следните 12 месеци.
17-годишниот талент ја започна сезоната како стартер, но се повреди на третиот натпревар од Ла Лига против Рајо Ваљекано.

