Селекторот на нашите најдобри фудбалери, Благоја Милевски, допрва ќе одлучи околу стартниот состав за утрешниот меч со Летонија во рамките на нашата конкуренција во Лигата на нации.
„Ја респектираме Летонија и сите други селекции во групата, но, ќе повторам дека Македонија ќе се прашува за првото место. Ќе се насочиме само кон нашата игра. Ќе ни недостасуваат Зајков и Серафимов, кои одлежуваат поради картони како и повредените, Чурлинов и Трајковски. Допрва ќе решиме со која формација и со кој состав ќе излеземе на теренот“ – изјави Милевски на денешната средба со новинарите.
„Јас сакам Македонија да се обиде да биде доминантна на мечевите, така сакам да изгледаме. Мораме да бидеме благодарни на сите фудбалери без разлика на нивната форма бидејќи секогаш се тука за Македонија“ – рече Милевски.

