Ѕвездата на Бразил и Ал Хилал, Нејмар, ги продолжи тренинзите со клубот од Саудиска Арабија и ќе биде дел од тимот за претстојниот натпревар против Ал Аин во Лигата на шампионите на Азија, откако се опорави од тешката повреда на коленото.
32-годишниот напаѓач нема играно од октомври 2023 година, кога заработи тешка повреда за време на квалификацискиот натпревар за Светското првенство во 2026 година против Уругвај. Нејмар имаше операција на предните вкрстени лигаменти во ноември и досега има само 5 настапи за Ал Хилал.
Клубот ја објави среќната вест: „Ал Хилал со задоволство објавува дека Нејмар ќе се приклучи на тимот за гостувањето кај Ал Аин. Тој се врати“.
Маркетинг компанијата на играчот, NR Sports, додаде: „Иако нема конечна одлука за неговото враќање на теренот, Нејмар ќе може да игра во понеделник за да ја продолжи својата извонредна кариера. Деновите на болка и тага беа надминати благодарение на поддршката од семејството, пријателите и обожавателите ширум светот“.

