Повредата на мускулот што ја заработи фудбалерот на Манчестер Сити, Кевин Де Бруин во средината на септември не е сериозна, но Белгиецот „не се чувствува добро“. Ова го изјави менаџерот на тимот Пеп Гвардиола на својата прес-конференција пред натпреварот со Спарта Прага во Лигата на шампионите.
„Тоа не е сериозен проблем, но не се чувствува баш како што треба. Кевин веќе нема 22 години. Тој мора да биде во оптимална форма за да го покаже својот квалитет. Ако не се чувствува удобно, не може да го развие својот неверојатен потенцијал“, изјави Гвардиола за 33-годишниот Белгиец на прашањето за неговото продолжено отсуство.
„Тренира подобро, но самиот ми кажа дека не се чувствува добро, па ќе му дадеме повеќе време“, додаде Шпанецот.
Де Бруин пропушти пет месеци од минатата сезона поради повреда добиена во финалето на Лигата на шампионите против Интер во 2023 година.
Манчестер Сити има вкупно четворица повредени, меѓу кои Кајл Вокер, Родри и Оскар Боб, кои би требало да се вратат на терените во јануари или февруари.
Манчестер Сити има 4 бода во Лигата на шампионите по ремито со Интер и победата над Слован Братислава.

