Фудбалерот на Фиорентина Едоардо Бове, кој колабираше по само 17 минути игра на мечот со Интер синоќа, ноќта ја поминал добро, јавуваат италијанските медиуми. Тој утрово бил екстубиран, буден е, луциден и одговара на прашања. Невролошките и кардиолошките оштетувања се исклучени, како што беше наведено и во соопштението за печатот објавено вчера од Фиорентина и болницата Кареги. Денеска се очекува нов медицински билтен.
На Едоардо Бове му се слоши во 17. минута од првото полувреме, падна на земја и изгуби свест. Тој со возило на брзата помош беше пренесен во болницата Кареги во Фиренца, каде што пристигнал стабилен. Мечот беше веднаш прекинат, а според некои информации најверојатно ќе се доигра во февруари следната година.

