Наполи има нова трансфер цел за својата зимска селекција. Од стадионот „Диего Марадона“ се насочени кон крилниот напаѓач на Тотенхем, Дејан Кулушевски, открива експертот за трансфери, Николо Шира. Швеѓанецот со македонско потекло се гледа како потенцијална замена за Хвича Кварацхелија.
23-годишниот Грузиец е предмет на сериозен интерес од неколку клубови. Пари Сен Жермен, Манчестер Јунајтед и Ливерпул се во трка по него.
Наполи не сака да се раздели со својата ѕвезда, но тешко би го задржал со добра понуда. Наводно клубот за него бара ни помалку ни повеќе туку 80 мил. евра.
Затоа „наполитанците“ сакаат да бидат подготвени со евентуална замена за Кварацхелија и веќе имаат на ум неколку играчи. Меѓу нив се Един Жегрова од Лил и Федерико Киеза од Ливерпул, но сега на списокот може да го додадат и Дејан Кулушевски.
24-годишниот Кулушевски има искуство во Италија, каде играше за Парма и Јувентус пред да биде продаден во Тотенхем во 2022 година. Откако им се приклучи на лондончани, тој забележа 126 настапи, постигнувајќи 22 гола и 27 асистенции за екипата од Лондон.

