Екипата на Спортско Радио 90,3 ФМ која го покрива Светското ракометно првенство во Хрватска, имаше можност да направи интервју со Проторереј Велински, кој пред стартот на Мундијалот им даде благослов на нашите репрезентативци кои се во Вараждин.
„Мене ми е мило дека имаме бројна публика од нашата татковина Македонија, и од Хрватска од Словенија, од Австрија, Германија, Италија од секаде. Тоа е убава и богувана работа да ги бодриме нашите репрезентативци. Меѓутоа, кога сме нашле време да дојдеме тука во Вараждин, убаво е да ја посетиме нашата македонска православна црква – Храмот посветен на Света Злата Мегленска. Кога дојдов во Загреб се запознав со Кире Лазаров, тој играше тука. Почнавме да се дружиме и одев на неговите натпревари. Сега бев на сите средби, бев со нашиот народ да ги бодрам репрезентативците“ – вели Проторереј Велински.
„Сакам да апелирам до сите навивачи да бидеме достоинствени на трибините и да го покажеме македонското достоинство. Сакам да им честитам на Кире и на сите во неговиот тим, на ракометарите, на федерацијата за сите успеси. Посакувам убаво да поминат во наредниве три натпревари што доаѓаат и ќе се молам да нема повреди“ – рече Проторереј Велински во интервју за Спортско радио 90,3 ФМ.

