Од почетоците, од оној 22 февруари 2005 година, па се до овој 22 февруари оваа 2025 година, низ нашата програма минаа нешто повеќе од 175.000 часови радио програма. Од нив, според програмската шема со која Спортското радио го започна своето работење на фреквенцијата 90.3 фм, а која со низа промени е задржана барем во временската рамка на 15 часовна спортска програма реализирана во живо, излегува дека досега екипата на овој единствен специјализиран аудио-визуелен спортски медиум на територијата на Македонија, реализирала 110.000 часови спортска програма во живо!
Во овие илијадници часови отворена спортска програма влегуваат бројни продуцирани програми за младите во спортот, за спортските клубови, за помалите спортови на кои се уште им е потребна медиумска афирмација, за талентите, за училишниот спорт, за најголемите успеси на македонските спортисти, клубови и репрезентации, за најголемите спортски манифестации… Тука се и илјадници преноси, јавувања во живо од најважните настани поврзани со нашиот спорт, интервјуа, гостувања во студио, разговори, учества на спортски манифестации, улога на официјални спикери на нашите сениорски спортски репрезентации… и сето тоа зачинето со најдобрата музика во етерот!
Овие 20 години на оваа фреквенција, за оваа мала, но одбрана екипа спортски ентузијасти, вљубеници во спортот и радиото се јубилеј достоен за почит. Ние и денеска се чувствуваме ентузијастички како и првиот ден кога проговоривме во етерот од 90.3 фм. И денеска со иста жар го сакаме и почитуваме спортот. Известуваме за сите спортски случувања во светот, но посебно си го почитуваме овој нашиот – македонскиот. Оваа фреквенција и денеска и утре е простор каде ќе може да се чуе гласот на некои сегашни, поранешни и идни македонски спортски херои. Сите кои биле, се и ќе бидат наши гости, соработници и мотиватори за нови работни успеси.
Две децении со спортот и спортистите, затоа што Спортското радио 90.3 фм ја одбра страната на спортот!
Среќен роденден, за многу години, спортски.!

