Во големата трагедија која утрово се случи во Кочани, животот го загуби и фудбалерот на скопски Шкупи, младиот Андреј Лазаров. Од клубот ја потврдија информацијата со официјално соопштение:
„Како херојска душа што беше, Лазаров го загуби животот обидувајќи се да им помогне на другите да се спасат од просторот зафатен од пожар. Тој се задуши од чадот за време на неговите обиди да спаси животи, покажувајќи храброст и хуманост до последниот момент. Неговиот херојски чин засекогаш ќе остане во нашето сеќавање, како сведоштво за неговиот благороден карактер и неговото големо срце. Ова е огромна загуба за нашиот клуб, за неговите соиграчи и за целата фудбалска заедница. Зборовите се мали за да ја опишат болката што ја чувствуваме во овие моменти, во оваа трагедија – една од најголемите во која е погодена нашиот клуб во неговата историја. ФК Шкупи изразува најискрено сочувство до неговото семејство, неговите блиски и целото големо семејство на нашиот клуб. Андреј беше дел од Шкупи само шест месеци, но неговото име засекогаш ќе остане неизбришлив дел од нашиот тим. Споменот за него ќе живее вечно во нашите срца“, објавија од Шкупи.
Андреј Лазаров беше роден во Кочани. Имаше 25 години и во својата фудбалска кариера настапуваше за младинските погоди на Металург и Работнички од Скопје, а потоа беше дел и од сениорскиот тим на Работнички, Тиквеш, играше и за хрватските тимови Рудеш и Горица, од каде што дојде во Шкупи.

