Репрезентацијата на Македонија до 21 година е поразена од соодветната селекција на Белорусија (3:1) на тест натпреварот одигран во Анталија.
На овој натпревар свое селекторско деби имаше Горан Станиќ кој не успеа со позитивен резултат да го заврши своето деби. Селекцијата на Македонија до 21 година со измената генерација претрпе пораз на првиот пријателски натпревар во Турција.
На овој натпревар македонија настапи во состав:
Љ. Џеков, Марковски, Хамидовиќ, Ѓ. Џеков, Велков, Трајков, Ангелов, Зенделовски, Манојлов, Ѓорѓиевски, Величковски.
Противникот дојде до предност од 3:0 со погодоците на Дубинец, Французов и Цепенков до 69. минута. Единствениот погодок за Македонија го постигна Кире Стојанов во 82. минута, за ублажување на поразот на нашата селекција.
Македонските фудбалери загубија, а Фудбалската федерација на Македонија по овој неуспех укажа на катастрофална арбитража од турските судии. Освен што самото судење било лошо, од ФФМ посочија и конкретна ситуација во која еден фудбалер бил заменет, а потоа вратен во игра подоцна во натпреварот.
„Натпреварот го одбележа катастрофалното судење од страна на турските арбитри. Имено, на полувреме, фудбалерот на Белорусија, Кирил Цепенков беше изваден од игра, но во продолжението влезе повторно во игра на место на друг фудбалер кој го напушти теренот поради повреда. Судиите беа запознаени со ситуацијата и грешката што ја направи белорускиот тим, но не реагираа, дозволувајќи му на Кирил Цепенков да го доигра натпреварот”, напишаа од ФФМ.
Македонија У21 ќе одигра уште еден пријателски натпревар во Анталија, против селекцијата на Азербејџан во вторник во 18:00 часот.

