Новиот селектор на Англија, Томас Тухел, беше задоволен од победата на Англија над Албанија од 2:0 во квалификациски натпревар за СП, но призна дека неговата репрезентација може да игра многу подобро.
Домаќините не прикажаа особено импресивен настап, но сепак целта ја постигнаа благодарение на головите на Мајлс Луис-Скели и Хари Кејн.
„Мајлс беше неверојатен на тренинзите. Тој е полн со самодоверба, тој е исклучително забавна и отворена личност и е неверојатно зрел за своите години. Се што ќе видите од него на теренот, тој го носи надвор од теренот. Тој има место во овој тим и јас сум многу импресиониран од него“, изјави Тухел за младиот лев бек на Арсенал.
Сепак, тој не беше толку импресиониран од севкупниот настап на тимот против 65-то. рангираната албанска селекција на ранг-листата на ФИФА.
„Ќе го најдеме нашиот ритам и ќе почнеме да играме подобро. Овој натпревар ми беше важен за подобро да ги разберам играчите. Да знам во што се чувствуваме сигурни и каде се нашите тешкотии. Ова е основа на која треба да се изгради за да се подигне ритамот и да бидеме поопасни пред голот. Но, сè во свое време. Мора да им честитаме и на Албанците за нивната игра“, додаде Тухел.
„Сега треба да го прегледаме натпреварот на видео и да видиме што можеме да подобриме за да се справиме со нискиот одбранбен блок што ќе ни го понуди и Летонија во понеделник“, заклучи Германецот.

