Стравувањата околу состојбата на Џамал Мусиала се потврдени – играчот од средниот ред на Баерн Минхен ќе паузира подолг период.
Според новинарот на „Скај Германија“, Флоријан Платенберг, младата ѕвезда на Баварците ќе биде надвор од терените околу осум недели или два месеци, што практично значи дека сезоната за него е завршена.
Мусиала доживеа истегнување на мускулот на левата надколеница на последниот натпревар против Аугсбург (3:1) одигран синоќа.
Оваа повреда се надополнува на и онака долгата листа на отсутни играчи во тимот на Баерн. Тимот ќе мора да се справи без клучните играчи како што се Дају Упамекано, Мануел Нојер, Алфонсо Дејвис, Хироки Ито, Кингсли Коман и Александар Павловиќ – и тоа во клучно време, пред нивниот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите со Интер.

