Британската тенисерка Хариет Дарт се извини поради неумесните изјави на мечот со Французинката Лоис Боасон, кога ја навреди изјавувајќи дека таа „мириса навистина лошо“ за време на нејзиниот дуел на турнирот во Руан.
Дарт, која загуби од Боасон со 6-0 6-3, беше фатена во преносот како бара од судијата да и каже на Боасон да користи дезодоранс, за време на промената на страните во вториот сет.
„Можете ли да ја замолите да стави дезодоранс? Мириса навистина лошо“, се слушна како Дарт му вели на судијата.
Коментарот веднаш предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, што ја натера Дарт да се извини на Инстаграм.
“Тоа беше коментар даден во афект и навистина жалам. Тоа не е начинот на кој сакам да се однесувам и ја преземам целосната одговорност”, напиша Дарт.
„Имам голема почит кон Лоис и начинот на кој таа се натпреваруваше денес. Ќе научам од ова и ќе продолжам понатаму“, дополни Британката.

