Денешниот ден требаше да биде квалитетно загревање за утрешното „Ел Класико“ и пресметката во финалето на шпанскиот Куп, а наместо тоа на речиси 24 часа до дуелот Реал Мадрид се заканува со бојкот на натпреварот.
Прес-конференцијата на судиите и посебно изјавата на главниот ВАР судија донесе голема тензија и незадоволство во таборот на Реал Мадрид, па клубот ги откажа сите претходно најавени активности планирани за денеска.
Дополнително, од федерацијата беше побарано итно да има промена на судиите, но тоа барање е одбиено во рок од неколку часа.
Реал Мадрид се уште не ја исклучува опцијата за бојкот на финалето, иако во федерацијата и судиската комисија се надеваат дека нема да дојде до вакво сценарио.
Претходно, противникот на Барселона го откажа тренингот, прес-конференцијата на Карло Анчелоти и еден фудбалер, како и официјалната заедничка вечера со претставници на двата клуба.

