Барселона официјално објави дека десниот бек на тимот, Жил Кунде, се повредил за време на синоќешниот прв натпревар од полуфиналето со Интер во Лигата на шампионите. Играчот беше принудно заменет на крајот од првото полувреме од Ерик Гарсија, а најлошата вест за Каталонците е што францускиот дефанзивец ќе ги пропушти клучните претстојни натпревари на тимот.
„Тестовите извршени утрово покажаа дека Жил Кунде има повреда на дисталниот дел од тетивата на левиот бут. Неговото враќање во тимот ќе биде одредено врз основа на неговиот напредок“, се вели во соопштението на Барселона.
Според информациите во шпанските медиуми, Кунде ќе отсуствува од теренот околу три недели. Ова значи дека тој сигурно ќе го пропушти реваншот во Милано против Интер следната недела, како и новото издание на Ел Класико против Реал Мадрид на 11 мај. Повредата на Французинот е слична на онаа што неодамна ја заработи Алехандро Балде.
Барселона се надева дека Кунде ќе биде достапен за последниот натпревар од сезоната во Ла Лига – гостувањето против Атлетик Билбао на 25 мај, како и евентуално за финалето на Лигата на шампионите во Минхен на 31 мај.
26-годишниот десен бек е еден од најпостојаните стартери во тимот на Ханси Флик, постигнувајќи 4 гола и 8 асистенции во 53 натпревари за Каталонците досега оваа сезона. Токму Кунде го постигна победничкиот гол во продолжението против Реал Мадрид во финалето на Кралскиот Куп.

