Поранешниот тренер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, би можел да стане нов менаџер на Баер Леверкузен, но само ако Сеск Фабрегас остане во италијанскиот клуб Комо.
Според информациите од Флоријан Плетенберг, Леверкузен е во активни преговори со Комо за назначување на Фабрегас за наследник на Чаби Алонсо. Сепак, италијанскиот клуб не сака да се раздели со поранешната ѕвезда на Арсенал, a истото го најави и самиот Фабрегас кој сака да остане во Комо. Тоа ги натера Германците да го вклучат Тен Хаг на својот список на желби за менаџерската позиција.
Холанѓанецот е без работа од октомври откако го напушти Манчестер Јунајтед поради лоши резултати – само три победи во првите девет натпревари. Сепак, перформансите на тимот по неговото заминување ја зајакнуваат тезата дека проблемите на „Црвените ѓаволи“ не беа само кај него – под водство на неговиот наследник Рубен Аморим, тимот е на 16-то место на табелата.
Спортскиот директор на Леверкузен, Симон Ролфес, потврди дека ниту еден од кандидатите не ја одбил понудата и дека очекува одлука овој месец:
„Ниту еден кандидат не нè одби во текот на процесот. Верувам дека ќе завршиме со ова до крајот на мај – дефинитивно сè ќе биде одлучено овој месец“, изјави Ролфес за „Скај Германија“.

