Барселона го продолжи договорот со тренерот Ханси Флик, потврди шпанскиот шампион утринава. Новиот договор на германскиот специјалист е со важност до летото 2027 година.
Оваа сезона, 60-годишниот Флик ги предводеше Каталонците до титулата, Купот на Шпанија и Суперкупот на земјата.
Во полуфиналето на Лигата на шампионите, Барса беше драматично елиминирана од Интер Милано по вкупен резултат 6:7.
„Ханси Флик пишува историја во ФК Барселона и ова сигурно ќе продолжи и во наредните сезони. Тој ги израдува навивачите на Барса со епски пресврти и освојувања на трофеи. Флик врати возбуда во тимот во својата прва сезона на чело и тимот стана ривал од кој сите се плашат во Европа“, се вели во соопштението на „сино-црвените“.
Барселона победи на 43 од вкупно 54 натпревари оваа сезона со Германецот на чело.
Ханси Флик е поранешен тренер на Баерн Минхен и на германската репрезентација.

